Новинарите на протест против криминализација на клеветата во Република Српска

Новинарите спонтано се собраа пред Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, каде што протестираа против најавената криминализација на клеветата во тој ентитет во Босна и Херцеговина

Новинарите спонтано се собраа пред Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, каде што протестираа против најавената криминализација на клеветата во тој ентитет во Босна и Херцеговина.

Во знак на протест тие залепија ленти преку устите и кршеа моливи и пенкала.

Протестот се одржува пред почетокот на собраниската расправа за предложените измени на Кривичниот законик на Република Српска, со кои се предвидуваат големи парични казни за клевета.

„Пишувањето вести ќе биде невозможна мисија, истражувачкото новинарство веќе нема да постои и секој граѓанин тоа ќе го почувствува на своја кожа“, порача претседателот на Клубот на новинари на Бања Лука, Синиша Вукелиќ.

Видете и ова: Американската амбасада во БиХ: Најавените закони на властите во Република Српска се репресивни

Тој додаде дека новинарите се собрале пред Собранието да апелираат до пратениците да гласаат против криминализација на клеветата и да гласаат според сопствена совест, а не според партиска припадност.

Новинарот Владимир Шушак рече дека предложените измени се чекор назад и пораз на целото општество.

Пратеникот Владо Ѓајиќ од владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи рече дека во оваа област треба да се направи ред, но не премногу ригорозно.

„Мора да се воведе ред, за други деца да не го преживуваат тоа што моите деца го преживеаја. Моите деца преживеаја пекол. Некој од новинарите напишал дека сум наркоман, иако знаеле дека не сум и 12 портали тоа го пренеле“, рече Ѓајиќ.

Досега пропаднаа сите апели на новинарите, медиумите и меѓународните организации до властите да се откажат од таквото законско решение, кое, според нив, ги загрозува медиумските слободи.

Властите на Република Српска предложија измени на Кривичниот законик на овој ентитет, со кои се воведуваат кривични дела против честа и угледот, кривични дека клевета и навреда, како и изнесување на лични податоци и прилики.

Видете и ова: Реакциите за „одговорност за негативно мислење“ во предлог законот не стивнуваат

Со измените се предвидуваат парични казни за овие кривични дела од околу 2500 до 25000 евра. Според предлогот, за клевета не се предвидени затворски казни.

Делото против честа и угледот било исфрлено од кривичниот законик во 2002 година. Народното собрание на Република Српска уште во 2001 година ја префрли клеветата од кривичната во граѓанската област. Со тоа Босна и Херцеговина стана прва земја на Западниот Балкан која ја декриминализира клеветата.

Против криминализацијата се новинарите и медиумите критички настроени кон владата, но и оние кои се сметаат за блиски до власта.

Во Советот на Европа нагласија дека не е во согласност од стандардите за човекови права клеветата да биде дел од кривичните закони.

ОБСЕ исто така ги повика надлежните да се откажат од криминализација на клеветата.

Делегацијата на ЕУ во БиХ наведе дека ова би било спротивно на меѓународните препораки. Против измените се изјасни и Амбасадата на САД.

Претседателот на Република Српска Милорад Додик на 8 март најави дека во тој ентитет наскоро ќе биде донесен закон по пример на Актот за регистрација на странски агенти кој постои во САД.

Според неговите зборови, законот ќе предвидува обврска за пријавување на сите трансакции и „се што работат“ невладините организации финансирани од странство.