Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во интервју за емисијата „Око“ на РТС, што ќе се емитува вечерва, рече дека формирањето на Заедницата на српските општини е главниот предуслов за постигнување договор.
Лајчак кажа дека доколку го погледнете предлогот на ЕУ, тој зборува за нормализација, а не за некаква капитулација.
Тој во неколку наврати повтори дека Заедницата на српските општини мора да се формира и подвлече дека „доколку нема ЗСО, нема ни договор“.
Видете и ова: САД и ЕУ го стегаат обрачот околу Косово и Србија„Целта не е некој да победи или да загуби. Целта е да се бара вин-вин ситуација и да се отвори европската врата“, вели Лајчак.
Средбата во Охрид, вели тој, има за цел да се договориме за исполнување на договорот, што има таква поддршка од ЕУ што, како што нагласи, не се памети во минатото.
Специјалниот пратеник од вчера е во Белград, а денеска ќе ги продолжи разговорите со српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Лајчак оствари средба и со дел од опозицијата, пренесе белградски „Данас“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти треба да се сретнат в сабота во Охрид за да разговараат за европскиот план за нормализација на односите.