Од матуранти до дипломати

МАКЕДОНИЈА - Минималната плата од следниот месец ќе изнесува 20.175 денари и ќе биде повисока за 2.175 денари од сегашниот минималец. Од март лани минималната плата во земјата изнесува 18 илјади денари. Премиерот Димитар Ковачевски на 13 март пред новинарите изјави дека согласно со Законот за административни службеници, ќе се изврши усогласување и на платите на 27 000 службеници.

ЕУ - Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, на 15-16 март ќе отпатува за Албанија, а на 16-17 март во Северна Македонија, соопштуваат од Европската унија (ЕУ).

ЧЕШКА / СОВАЧКА - Новиот чешки претседател Петр Павел и словачката претседателка Зузана Чапутова на 13 март потврдија пред новинарите во Братислава дека планираат заедно да отпатуваат во Украина во април.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц го поздрави договорот меѓу Саудиска Арабија и Иран за обновување на врските по долгогодишно непријателство. Но тој, не ја коментираше улогата на Кина во посредувањето во договорот.

КОСОВО - Се разгледуваат 15 модели кои Европската унија (ЕУ) ги понуди за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, изјави на 13 март, косовскиот премиер Албин Курти.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден на 13 март вети дека ќе стори сè што е потребно за да се реши заканата од банкарска криза по колапсот на Банката во Силиконската долина и на Сигничар банката со седиште во Њујорк.

МАКЕДОНИЈА - Македонската држава и Македонската православна црква – охридска архиепископија (МПЦ-ОА) очекуваат Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Единствениот пат за добивање на легитимен и целосно прифатен Томос е оној кој го издава Вселенската Патријаршија, било констатирано на средбата меѓу претседателот на Македонија, Стево Пендаровски и Вселенскиот патријарх, Вартоломеј во Истанбул.

МАКЕДОНИЈА - „Историскиот договор“ како што го нарекува директорот на Јавното претпријатие за држани патишта Ејуп Рустеми со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10 Д, предвидуваавтопатите да бидат изградени за 4 години и 7 месеци. Но, во пракса, оваа фирма која „во од“ ќе прави проект за изградба и паралелно ќе работи на терен на 4 делници ќе се соочи со траса од која 55 проценти од имотот е во приватна сопственост. За експропријација во државата каса се одвоени 238 милиони евра.

МАКЕДОНИЈА - Или да се скрати обемот на материјалот за полагање државна матура или да се намали бројот на интерни испити, бараат средношколци од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС). Тие ќе испратат барање до Собранието и Владата да се олести полагањето државна матура.

РУСИЈА - Судот во Москва прогласи банкрот на работата на Радио Слободна Европа (РСЕ) во Русија, откако компанијата одби да плати неколкукратни казни во вкупна вредност од над 1 милијарда рубљи (14 милиони долари), поради непочитување на таканаречениот закон за „странски агенти“.

СРБИЈА - Во месеците по руската неиспровоцирана инвазија на Украина минатата година, стотици руски дипломати беа протерани од земјите-членки на Европската унија или беа ставени на црната листа. Неколку земји како причина за протерувањето ја наведоа наводната шпионажа. Најмалку тројца од тие дипломати сега се акредитирани руски претставници во Србија, од кои двајца со врски со руските разузнавачки служби, покажува повеќемесечната истрага на Радио Слободна Европа (РСЕ).

ТУРЦИЈА - Се враќаат учениците во училиште во турските области погодени од земјотресите. Во областите Газиантеп, Адана и Османије се вратиле во школо над 1,3 милиони ученици, јави агенцијата Анадолија. Тие го продолжуваат школувањето во училишните згради кои беа реновирани откако беа оштетени во земјотресот на 6 февруари што ја погоди јужна Турција. Во земјотресите загинаа речиси 48.000 луѓе.

ВАТИКАН - Папата Франциск на 13 март одбележува 10 години на чело на Римокатоличката црква. Јубилејот е одбележан со миса со кардинали во капелата Санта Марта во Ватикан. Роден во Аргентина, Франциск, кој има 86 години, стана првиот латиноамерикански понтиф на 13 март 2013 година, наследувајќи го Бенедикт Шеснаесетти, првиот папа во шест века што се повлече од светата столица.