Германскиот канцелар Олаф Шолц го поздрави договорот меѓу Саудиска Арабија и Иран за обновување на врските по долгогодишно непријателство. Но тој, не ја коментираше улогата на Кина во посредувањето во договорот.
„Добро е што Саудиска Арабија и Иран сакаат да развијат помалку конфронтирачки односи...и тоа е она што може да се каже за тоа“, рече Шолц на прес-конференција на 13 март заедно со премиерот на Бутан, Лотеј Тшеринг.
Тшеринг рече дека Бутан има добри соседи во Индија и Кина, но не сакаше да коментира дека Пекинг е преговарач во војната во Украина, велејќи дека се вклучени премногу фактори.
Саудиска Арабија и Иран на 10 март соопштија дека се согласиле да ги обноват дипломатските врски и повторно да ги отворат амбасадите.
Видете и ова: Иран и Саудиска Арабија ги обновија дипломатските односи„Двете страни се договорија да го почитуваат државниот суверенитет, да не се мешаат во внатрешните работи и да го активираат договорот за безбедносна соработка потпишан во 2001 година“, се наведува во соопштението.
Саудиска Арабија ги прекина односите со Иран во 2016 година, откако нејзината амбасада во Техеран беше нападната за време на спорот меѓу двете земји околу егзекуцијата на шиитски имам од страна на Ријад.