Се разгледуваат 15 модели кои Европската унија (ЕУ) ги понуди за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, изјави на 13 март, косовскиот премиер Албин Курти.
Тој не сакаше да открие за какви модели станува збор, туку само изјави дека некои модели се познати, а некои не и дека се воспоставени во европските земји за националните малцинства кои живеат во нив.
„Верувам дека тоа се модели од кои ќе можеме да земеме елементи, така што не само човековите права, туку и правата на националните малцинства кај нас се на вистинско ниво. Моите советници, дел од министрите се занимаваат со нив, за да видиме што е најповолно“, изјави Курти.
„Се разбира, Уставот, законите, еднаквоста, функционирањето на државата се нешто за што никогаш нема да правиме компромиси“, изјави косовскиот премиер на новинарите на 13 март.
Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, претходно изјави дека постојат неколку функционални модели за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и дека тие се во согласност со европските стандарди.
Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорена во рамките на дијалогот во 2013 година, додека принципите на нејзиното формирање беа утврдени две години подоцна.
Но, официјална Приштина засега одбива да ја формира Заедницата, со образложение дека тоа не е во согласност со законите, дека не може да се формираат моноетнички здруженија и дека тоа е штетно за Косово, бидејќи може да влијае на внатрешната функционалност.
Видете и ова: САД и ЕУ го стегаат обрачот околу Косово и СрбијаОд друга страна, официјален Белград условува продолжување на дијалогот за формирање на Заедницата, но инсистира тоа да биде во согласност со Договорот од Брисел.
Во меѓувреме, премиерот Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ се договорија за предлогот на ЕУ за нормализација на односите, а следната средба на највисоко политичко ниво ќе се одржи на 18 март.
Се очекува двете страни да направат патоказ за имплементација на европскиот предлог, во кој се наведува дека мора да се спроведат сите досега постигнати договори во рамките на дијалогот.
Договорот, исто така, предвидува посебен аранжман за српската заедница.