Бајден - Банкарскиот систем во САД е безбеден

Американскиот претседател Џо Бајден, 13 март 2023 година.

Американскиот претседател Џо Бајден на 13 март вети дека ќе стори сè што е потребно за да се реши заканата од банкарска криза по колапсот на Банката во Силиконската долина и на Сигничар банката со седиште во Њујорк.

Обидот на Бајден да ги увери пазарите и штедачите доаѓа откако викендов што измина Соединетите Американски Држави соопштија дека ги гарантираат депозитите кај пропаднатата банка, но обидот да ги убедат инвеститорите дека другите банки ширум светот се здрави, не успеа.

„Американците можат да имаат доверба дека банкарскиот систем е безбеден. Вашите депозити ќе бидат таму кога ќе ви бидат потребни“, рече Бајден.

Банката на Силиконската долина се затвори во петокот, што е најголемиот колапс на банка од 2008 година, кога Вашингтон Мјутуел пропадна во екот на глобалната финансиска криза.

Средствата на банката во Силиконската долина беа запленети од страна на американската Федерална осигурителна корпорација, а банката попушти откако нејзините клиенти, главно ИТ работници и фирми за ризичен капитал, почнаа да ги повлекуваат своите пари.

Видете и ова: Шефовите за финансии на Г20 со различни ставови за долговите и војната во Украина


Претседателот Бајден рече дека ќе побара одговорните да ги сносат последиците и да вршат поголем притисок за подобро регулирање и надзор на поголемите банки.

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен изјави во неделата дека федералната влада нема да и помогне на банкротираната банка на Силиконската долина, туку работи на помош на нејзините корисници.