„Историскиот договор“ како што го нарекува директорот на Јавното претпријатие за држани патишта Ејуп Рустеми со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10 Д, предвидуваавтопатите да бидат изградени за 4 години и 7 месеци. Но, во пракса, оваа фирма која „во од“ ќе прави проект за изградба и паралелно ќе работи на терен на 4 делници ќе се соочи со траса од која 55 проценти од имотот е во приватна сопственост. За експропријација во државата каса се одвоени 238 милиони евра.
Но, како што објасни директорот Рустеми, ова не е конечна цена, затоа што во пракса кога ќе почне постапката ќе знаат точно колку пари ќе им бидат потребни за тоа.
Тоа значи дека, како што велат од ЈП државни патишта, за секоја делница допрва ќе се прави проценка и елаборат, па ќе се консултираат државниот правобранител, како и сопствениците на имотот низ кој е замислено дека ќе се движи трасата. Тогаш во предвид ќе треба да се земат и пари наменети за дислокација на веќе изградени стопански објекти кои се наоѓаат покрај постоечките автопати кои ќе се прошируваат.
Видете и ова: Трнлив пат до автопатНа брифингот со новинари на кои присуствуваа десетина преставници на институциите кои со себе носеа кластери документи, беше посочено дека за експропријација се предвидени дополнително 238 милиони евра буџет кои не влегуваат во договорот за изградбата на 4 делници кој изнесува 1,3 милијарди евра.
Засега цената на изграден километар е предвидено да чини од 6, 5 милион евра на автопатот Прилеп -Битола до 18,4 милиони евра за изграден автопат од Гостивар до Букојчани. За 12, 5 километри автопат кој треба да биде проширен на три ленти во двата правци од Тетово до Гостивар државата ќе ја чини вкупно 125 милиони евра.
Најскап автопат ќе биде тој од Гостивар до Букојчани каде за вкупно 30,3 километри пат ќе се потрошат 560 милиони евра, затоа што се работи за планински предел.
За автопатот од Струга- Ќафасан за 21,7 километри ќе се платат 360 милиони евра, додека најевтин ќе биде патот од Прилеп до Битола за кој вкупно ќе се потрошат 260 милиони евра за изградени 40 километри пат.
Видете и ова: Хрватска ИГХ со руски газди веќе наплатила милион евра од тендериНо овие суми не се конечни, затоа што предвидените износи се темелат на иницијален дизајн, а допрва треба основниот проект да покаже колкави ќе бидат трошоците. Ниту надлежните, ниту ИРД не открија колку мостови, нити тунели се предвидени за изградба.
Поскапувањето на материјалите за градба како и на работната рака влијае на крајната цена, посочи министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
За споредба автопатот Приштина - Скопје кој исто така го изработува Бехтел и Енка изнесува 10, 9 милиони евра по изграден километар. Истата фирма во Србија работела и на автопатот Појате - Прељина кој изнесувал 6,7 милиони евра по киломтар. Автопатот Белград - Сараево во 2021 чинел 13,9 милиони евра по километар, додека Владичин Хан - Грделичка Клисура изнесувал 11 милиони евра по километар. Според податоците од физибилити студијата најевтините автопати ги градел македонскиот „Гранит“ - во БиХ за околу 5,5 милиони евра во просек во 2018 кога ги реализирал двете делници Бања Лука - Прњавор и Прњавор - Добој.