Средношколци бараат олеснување на полагањето државна матура

Полагање државна матура, архивска фотографија.

Или да се скрати обемот на материјалот за полагање државна матура или да се намали бројот на интерни испити, бараат средношколци од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС). Тие ќе испратат барање до Собранието и Владата да се олести полагањето државна матура.

Со вакво барање денеска пред Министерството за образование протестирале матуранти, но од ОДАС се оградија од таквиот протест. Но од организацијата најавија дека тие ќе организираат предупредувачки протест, доколку надлежните не ги слушнат нивните барања.

Од ОДАС бараат да се олесни начинот на полагање на државна матура, оти во последните четири години, средношколците повеќе од година и пол учеа онлајн поради пандемијата со ковид-19, а ова учебна година речиси секојдневно имаше дојави за бомби во училиштата поради што губеа часови.

„Во меѓувреме имаше и други фактори, така што ние матурантите сме најоштетена генерација и не сме имале една целосна непрекината учебна година“, изјави претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА.

Видете и ова: За откривање на лажните дојави за бомби со VPN од Русија и Иран потребна е меѓународна соработка


По однос на ова барање и во врска со денешниот протест, претседателот на Сојузот на средношколци (ССРСМ), Лука Павиќевиќ, во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата што ја организираа денеска рече дека во моментов Генералното собрание на ССРСМ нема донесено одлука и дека треба да се разгледаат сите аспекти.

Според сегашното решение, матурантите полагаат два екстерни и два интерни предмета и проектна задача. Од резултатите на државната матура им зависи запишувањето на факултет.