Папата Франциск деценија на чело на Римокатоличката црква

Папата Франциск

Папата Франциск на 13 март одбележува 10 години на чело на Римокатоличката црква. Јубилејот е одбележан со миса со кардинали во капелата Санта Марта во Ватикан.

Роден во Аргентина, Франциск, кој има 86 години, стана првиот латиноамерикански понтиф на 13 март 2013 година, наследувајќи го Бенедикт Шеснаесетти, првиот папа во шест века што се повлече од светата столица.
„Се чини како да беше вчера. Времето лета, рече Светиот Отец во подкаст објавен денеска на веб-страницата „Ватикан њуз“.

Папата со инвалидска количка на миса на 11 јануари 2023 година

Со црквата не владее коленото, туку главата

Поранешниот кардинал Хорхе Марио Берголио се обидува да остане скромен и покрај свечената улога што ја извршува и никогаш не се населил во папските станови во Апостолската палата што ги користеле неговите претходници. Тој изјави дека претпочита да живее меѓу луѓето заради своето „ментално здравје“.

Папата ги покани сите кардинали кои се во Рим да присуствуваат на денешната миса.

Постојаниот проблем со коленото го принуди Франциск повремено да се движи со бастун и инвалидска количка, но се чини дека е во добра здравствена состојба, коментираат светските агенции.

„Со црквата не владее коленото, туку главата“, му рекол тој на својот помошник откако минатиот мај првпат почнал повремено да користи инвалидска количка во јавност.

Видете и ова: Папата Франциск - Вистинската победа во Украина не може да се гради врз урнатини

Франциск јасно стави до знаење дека би бил подготвен да се повлече доколку сериозни здравствени проблеми го спречат да управува со 1,38 милијарди членови на Римокатоличката црква. Но, тој исто така рече дека мисли оти папите треба да се обидуваат да владеат доживотно и дека таканаречениот почесен папа, како што е покојниот Бенедикт Шеснаесетти, „не треба да стане мода“. Бенедикт поднесе оставка поради здравствени причини, живеејќи уште речиси 10 години.

Со 10 години како понтиф, Франциск веќе е на тронот подолго од просекот. Претходните 265 папи биле на чело на Римокатоличката црква во просек 7,5 години. Тој посети 60 земји и територии, патувајќи речиси 410.000 километри.

Предизвици - скандали, пари и реформи

Еден од најголемите предизвици за папата во изминатата деценија беше справувањето со скандалите околу сексуалната злоупотреба на деца од страна на свештеници од Ирска до Германија и САД, пишува Франс прес.

Папата се извини за случајот во Чиле каде свештеник беше обвинет за прикривање на злоупотреба. Тој потоа му ја одзеде титула кардинал на насилниот американски свештеник Теодор Мекарик и му го укина свештеничкиот статус. Папата вети „сеопфатна битка“ против злоупотребата од страна на свештениците.

Тој формираше комисија за заштита на малолетниците, која подоцна беше интегрирана во централната власт на Светата столица.

Дополнително, со децентрализација на власта, зголемување на транспарентноста и давајќи им поголема улога на лаиците и жените, папата спроведе фундаментални реформи, а новиот устав стапи на сила во 2022 година.

Папата се занимаваше и со скандали околу финансиите на Ватикан, создавајќи посебен оддел за економија во 2014 година, сузбивање на корупцијата и зајакнување на надзорот врз инвестициите и Ватиканската банка, што доведе до затворање на околу 5.000 сметки.

Сепак, пандемијата на коронавирус влијаеше на приходите на Ватикан, додека неговите напори беа засенети од судењето на високиот кардинал Џовани Анџело Бечиу, поранешен близок соработник сега обвинет за проневера во скандал со недвижности во Лондон.