Инфлацијата во Европската унија (ЕУ) лани достигна 9,2 проценти, што е највисоко ниво измерено досега. Во споредба со 2021 година, кога годишната вредност беше 2,9 проценти, стапката на инфлација е зголемена повеќе од тројно, објави Еуростат.
Во ЕУ лани имало повисока инфлација и во споредба со некои од најголемите светски економии, како Соединетите Американски Држави, каде годишната инфлација лани достигна 8,7 проценти, во Јапонија 2,5 отсто и најниската стапка е забележана во Кина со 2,0 проценти.
Најголем пораст на цените во ЕУ во 2022 година има кај трошоците за домување и храна. Потрошувачките цени за домување, вода, струја, гас и други горива минатата година забележаа досега најголем пораст од 18 отсто.
Видете и ова: Бектеши обвинува за скопски пекарски картелВо Северна Македонија, пак, според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата во 2022 година изнесувала 14,2 отсто, додека индексот на цените на мало бил зголемен за 12,6 отсто. Најголем раст на индексот на трошоците на животот лани е забележан кај храната и безалкохолните пијалоци, кои за една година поскапеле за 20,9 отсто.