Во анкета што ја спровела Лекарската комора лани, 77,9 отсто од лекарите во земјава одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век.
Притоа, 34,5 отсто од лекарите одговориле дека биле жртва на вербално насилство со закана дека ќе биде извршено и физичко насилство, а 5,2 отсто биле изложени на физичко насилство без телесна повреда, додека 1,6 отсто доживеале физичко насилство со телесна повреда.
„Здравствените работници неопходно е да се чувствуваат безбедни на работното место, ослободени од притисокот за нивно загрозување, со цел да можат оптимално и квалитетно да ги извршуваат своите работни обврски и непречено да ги лекуваат пациентите. Пациентите и докторите мора да негуваат партнерски однос на доверба и соработка бидејќи тоа е најдобар пристап за нивно лекување“, порача д-р Калина Гривчева Стаределова, претседателката на Лекарската комора, по повод одбележувањето на Европскиот ден против насилство врз здравствените работници.
Видете и ова: Демнење стана кривично дело, затвор за напаѓачи на новинари, лекари и адвокатиКако што посочуваат од Лекарската комора, важен исчекор е усвојувањето на измените на Кривичниот законик со кои вербалното и физичкото насилство над лекарите и другите здравствени работници се смета за кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и соодветно ќе се казнува.