80 години од депортацијата на македонските Евреи

Одбележување на 80 годишнината од депортацијата на македонските Евреи

Со Поворка на живите од Музејот на Град Скопје до „Тутунски комбинат“ денеска почна одбележувањето на 80-годишнината од депортација на македонските Евреи во логорот Треблинка. На 11 март 1943 година од дворот на скопски Монопол, 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта, од страна на бугарските окупациска власти.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви порача дека идеите за уништување на Евреите сè уште постојат и затоа денес е поважно од кога било да се покаже светска солидарност во сеќавање на жртвите на Холокаустот и решителност во справување со сите зачетоци на антисемитизмот.

„Вчера се навршија 80 години кога војската на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија им пресуди на невините Евреи. Хитлер, Мусолини и Цар Борис решија да уништат 98 отсто од еврејската популација во Македонија. 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови. Често се прашувам дали 50 милиони жртви во Втората светска војна од кои 6 милиони Евреи, се научената лекција, за светот да живее во мир и демократија, почитувајќи ја различноста на народите, јазиците и културите“, рече Леви.

Видете и ова: Зачувување на вистината и силна осуда за Холокаустот

Дел од поворката беше и претседателот Стево Пендаровски кој во своето обраќање кажа дека треба да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија во депортацијата на македонските Евреи.

„И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, рече претседателот Пендаровски.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи кој ја предводеше владината делегација порача дека злото на Холокаустот не смее да се повтори.

„Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите“, рече Битиќи.

Видете и ова: Нетанјаху: Холокаустот никогаш повеќе нема да му се случи на нашиот народ

Цвеќе во чест на жртвите од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка положи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Да извлечеме поука и да ја гледаме објективно историјата која ни кажува дека војната и непријателството го раѓа семето на злобата, уништувањето и заедничката несреќа“, порача Мицкоски на својот официјален Фејсбук профил.

Дел од поворката беа и пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од светот, претставници на парламентарни политички партии, на дипломатски кор и 200 гости од Израел.

Комеморацијата по повод 80 годишнината од Холокаустот на Евреите од Македонија заврши со КАДИШ (молитва), и со полагање венци со свежо цвеќе на спомен обележјето во некогашниот монопол во Скопје. Во рамките на одбележувањето вечерва во Националната опера и балет ќе се држи и комеморативен концерт.