Руските воени платеници тврдат дека се доближуваат до центарот на Бахмут. Шефот на руската платеничка група, Евгениј Пригожин, денеска објави видео од, како што тврди, локација во близина на центарот на градот.
„Ова е зградата на градската администрација“, рече тој покажувајќи кон една зграда оддалеку. „Тоа е на еден километар и 200 метри“,додаде Пригожин.
Зборувајќи додека во позадина се слуша артилерија, Пригожин рече дека најважно е сега да се добие повеќе муниција од армијата и да се „тргне напред“. Пригожин тврдеше дека победил на бојното поле и во минатото, но последните тврдења не може да се потврдат.
Британското Министерство за одбрана пак, во своето секојдневно ажурирање соопшти дека украинските сили сè уште го држат западниот дел од градот и дека уништиле мостови на реката во обид да го спречат напредувањето на руската војска.
„Оваа област стана зона за убивање, што веројатно го прави голем предизвик за силите на Вагнер кои се обидуваат да го продолжат својот фронтален напад на запад“, соопшти Министерството.
Сепак, се предупредува дека „украинските сили и нивните линии за снабдување остануваат ранливи како резултат на континуираните руски напади. НАТО во текот на неделата објави дека падот на Бахмут е прашање на денови. Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.