Вучиќ: Јас нема да бидам тој што ќе ја потпише независноста на Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да има „ниту фактичко, ниту де јуре“ признавање на независноста на Косово, пренесува Бета.

„Јас нема да бидам тој што ќе ја потпише независноста на Косово. Се срамам да одам низ Србија и да се правдам пред некој. Нема предавање, нема да ja признаеме ниту де факто, ниту де јуре независноста на Косово, но сакаме мир со Албанците, сакаме пристојни односи“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека по избувнувањето на војната во Украина, геополитичката ситуација во Европа и во светот се променила „подрастично и драматично“ отколку по падот на Берлинскиот ѕид, но додаде дека во Србија ги има „оние кои се преправаат дека не гледаат колку е тешка положбата на земјата“.

Вучиќ изјави и дека зад формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство стои потписот на ЕУ и дека таквата обврска „најверојатно се исполнува“. Формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство е предвидено со Бриселскиот договор.

Претходно, косовскиот премиер Албин Курти ја отфрли можноста за формирање на Заедницата, бидејќи, како што рече, еднонационални решенија на Косово „не се можни“.

Видете и ова: САД и ЕУ го стегаат обрачот околу Косово и Србија

Вучиќ и Курти на 27 февруари изразија подготвеност да продолжат со спроведувањето на договорот за нормализација на односите, познат како француско-германски план.

Сепак, на 9 март Вучиќ за белградската телевизија Хепи изјави дека Србија нема да се согласи или молчи за влезот на Косово во Обединетите нации, ниту пак ќе го признае Косово.

Претставникот на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, ќе го посети Белград на 13 и 14 март. Вучиќ и Курти треба да се сретнат на 18 март во Охрид.