Американската амбасада во БиХ: Најавените закони на властите во Република Српска се репресивни

Американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина Мајкл Марфи, 30 март 2022 година.

Доколку властите во Република Српска (РС) ги усвојат двата најавени репресивни, недемократски закони, тоа драстично ќе ги прекрши правата и слободите на луѓето во тој ентитет, соопшти Амбасадата на Соединетите Држави во Босна и Херцеговина.

Претседателот на РС Милорад Додик на 8 ми март најави дека во тој ентитет на Босна и Херцеговина наскоро ќе биде донесен закон по примерот на Законот за регистрација на странски агенти, кој постои во САД.

Според него, законот ќе значи обврска за пријавување на сите трансакции и „се што прават“ невладините организации финансирани од странство.

На 2 март властите на РС најавија воведување измени на Кривичниот законик, како и криминализација на клеветата и навредата.

„Овие закони само ќе ѝ користат на владејачката коалиција во нејзините напори да ја зацврсти својата моќ. И тие би биле на штета на сите други“, наведуваат од амбасадата на САД.

Видете и ова: Европскиот парламент бара санкции за Додик, тој вели тоа е знак на слабост

Оттаму истакнуваат дека Соединетите Држави отсекогаш го поддржувале правото на луѓето ширум светот да ги користат нивните основни слободи, што ги вклучува правата на граѓаните на РС на слобода на говор, слобода на собирање и здружување и слобода на медиумите.

Додаваат дека предложените закони ќе ги стигматизираат и замолчат независните гласови во РС, кои сакаат да изградат демократска и просперитетна иднина за нејзините жители. Тоа, велат тие, ќе им отежне на граѓаните да бараат одговорност од властите на РС и ќе овозможат непречено да цвета корупцијата.

Амбасадата наведува дека Милорад Додик најавил дека предложениот закон ќе го одразува американското законодавство.

„Веќе го гледавме овој филм и знаеме како завршува. Кога Русија го прошири своето законодавство за странски агенти во 2020 година и таа тврдеше дека само го копира американскиот модел. Ништо не може да биде подалеку од вистината, а веќе ги видовме резултатите“, велат од амбасадата.

Тие додаваат дека руските власти ги искористиле своите репресивни закони за да го потиснат несогласувањето, да го уништат граѓанското општество и да ги искоренат слободните медиуми.