Европската комисија и шведското претседателство со ЕУ на 20 март ќе бидат домаќини на Меѓународната донаторска конференција во Брисел за поддршка на погодените од разорниот земјотрес во Турција и Сирија што се случи на почетокот на февруари.
Како што соопшти денеска Комисијата, ЕУ и нејзините членки планираат да ветат значителна помош за закрепнување и обнова во Турција и Сирија.
„ЕУ ги повикува меѓународните партнери и светските донатори да покажат солидарност со луѓето во Турција и Сирија во тешки околности и да ветат помош во согласност со обемот на штетата“, соопшти ЕК.
Кодомаќини на конференцијата, која се организира во координација со турските власти, ќе бидат претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Видете и ова: Над 100 милијарди долари е штетата од земјотресот во ТурцијаСе наведува дека донаторската конференција ќе биде отворена за членките на ЕУ, кандидатите и потенцијални кандидати за членство, соседи и партнери на ЕУ, членки на Групата 20 без Русија, ОН, меѓународни организации, меѓународни и европски финансиски институции.
Подготовките за Меѓународната донаторска конференција се во тек по првите разговори меѓу европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, шведскиот министер за меѓународна развојна соработка Јохан Форсел и турските власти за време на неодамнешната посета на европските претставници на Анкара.
По разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари, ЕУ веднаш испрати помош преку својот механизам за цивилна заштита во форма на спасувачки и медицински тимови, засолништа и лекови. ЕУ испрати хуманитарна помош за Турција за итни потреби во вредност од речиси 12 милиони евра, а за Сирија околу десет милиони.