Иран и Саудиска Арабија ги обновија дипломатските односи

Знамиња на Саудиска Арабија и Иран

Саудиска Арабија и Иран се согласија да ги обноват дипломатските врски и повторно да ги отворат амбасадите, се наведува во заедничката изјава објавена во Пекинг, а пренесе саудиската државна новинска агенција SPA.

„Двете страни се договорија да го почитуваат државниот суверенитет, да не се мешаат во внатрешните работи и да го активираат договорот за безбедносна соработка потпишан во 2001 година“, се наведува во соопштението.

Како резултат на разговорите, Иран и Саудиска Арабија се договорија да ги обноват дипломатските односи и повторно да ги отворат амбасадите во рок од два месеци, објави иранската новинска агенција Ирна, а пренесе Ројтерс.

Видете и ова: Иран ги прекина преговорите со Саудиска Арабија

Саудиска Арабија ги прекина односите со Иран во 2016 година, откако нејзината амбасада во Техеран беше нападната за време на спорот меѓу двете земји околу егзекуцијата на шиитски имам од страна на Ријад.

Иран, водечката шиитска муслиманска држава на Блискиот Исток и Саудиска Арабија, ги поддржуваат спротивставените страни во прокси- војните во Јемен, Сирија и на други места.

Иранските медиуми ја цитираа заедничката изјава на Иран, Саудиска Арабија и Кина во која се вели дека двете земји „го нагласуваат почитувањето на суверенитетот и немешањето меѓусебно во внатрешните работи“.