Борбата против корупцијата во фокус на средбата Пендаровски-Нефју

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и Ричард Нефју, глобален координатор за антикорупција на Стејт департментот

Актуелни теми врзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување на ефикасен систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси. За ова денеска разговарале македонскиот претседател Стево Пендаровски и Ричард Нефју, глобален координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски истакнал дека Македонија високо ја цени поддршката и помошта што ја добива од Соединетите Држави за подобрување во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата и изразил очекување таа да продолжи преку поддршка во градењето на капацитети.

„Претседателот Пендаровски посочи на подготвеноста на државата, во согласност со националните приоритети, да ја продолжи соработката со САД во напорите за сузбивање на корупцијата, а во функција на унапредување на демократските процеси во државата преку овозможување на добро управување и владеење на правото“, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Видете и ова: Агелер - Во следните месеци ќе видиме „едно или две имиња“ на црната листа на САД

Од таму додаваат дека борбата против криминалот и корупцијата, на секое ниво, вклучувајќи ја високата корупција, е од исклучително значење во напорите за градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите.

Неколку месеци наназад странските амбасадори во земјава ги засилија повиците до властите во Македонија посериозно да се зафатат со решавање на проблемот со корупцијата и имплементација на законите. Една од нив е американската амбасадорка Анџела Агелер која пред само неколку дена најави дека на „црната листа“ на санкции би можеле да се најдат и едно или две имиња од Северна Македонија.