Ракети и шпагети
МАКЕДОНИЈА - Скопското обвинителство побара определување краткотраен притвор во траење од 48 часа за две лица за кои постои сомнение дека учествувале во кривично дело „грабнување“ на Самоил Костадиновски, внук од брат на сопругата на политичарот Љубе Бошкоски, објавија повеќе домашни медиуми.
ЕУ - Русија „сериозно ја загрози нуклеарната безбедност“ предизвикувајќи испаѓање на украинската нуклеарна централа Запорожје од украинската електромрежа по денешниот напад, предупреди шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
МОЛДАВИЈА - Молдавија се сомнева во тврдењата на де факто властите во Придњестровје дека спречиле „терористички“ заговор организиран од Украина за убиство на лидерите на сепаратистичкиот регион, додека Киев оцени дека се работи за руска провокација.
САД / СРБИЈА - Неопходно е Србија, која е на европскиот пат, да се усогласи со политиката на Европската унија (ЕУ) во однос на санкциите кон Русија, изјави денеска американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил.
ЧЕШКА - Новиот чешки претседател, генералот во пензија Петр Павел на 9 март положи заклетва и го започна петгодишниот мандат. Павел кој има 61 година е поранешен началник на Генералштабот, а подоцна и втор човек на НАТО.
СРБИЈА / КОСОВО - Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти го потврдиле своето учество на средбата на високо ниво во Охрид, на 18 март, соопштија од канцеларијата на ЕУ во Скопје.
МАКЕДОНИЈА - ВМРО-ДПМНЕ од утре започнува акција „Заедно со народот“, најави на 9 март на прес-конференција, генералниот секретар на партијата Ѓоргија Сајкоски. Тимови од најголемата опозициска партијата, прво ќе се среќаваат со сите ажурирани членови на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со голем број на граѓани кои се опозициски расположени и кои сметаат дека државата се движи во погрешен правец.
МАКЕДОНИЈА - Ќе се замрзнат цените на тестенините и на одредени млечните производи, најави на 9 март министерот за економија Крешник Бектеши. Најавата доаѓа на една недела откако со владина одлука се замрзна цената на белиот и полубел леб на максимум 33 денари. Одуката за замрзнување на цените на тестенините и на млечните производи треба да се донесе утре, а да стапи на сила од следната недела.
ГРЦИЈА - Уште три лица вработени во грчката железница, се гонат кривично за железничката несреќата, во која минатата недела загинаа 57 луѓе, објави онлајн изданието на весникот „Катимерини“.
КОСОВО / ЕУ - Советот на Европската унија, денеска во прво читање, усвои став за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово најдоцна од 1 јануари следната година.
САД / РУСИЈА - Издаден е налог за запленување на авион Боинг 737-7ЈУ, вреден 25 милиони долари, во сопственост на рускиот нафтен гигант Роснефт, соопшти американскиот оддел за правда на 8 март. Компанијата е предводена од бизнисменот поврзан со Кремљ, Игор Сечин.
ТУРЦИЈА - Во Турција се приведени 157 луѓе поради ширење провокативни објави на интернет по разорните земјотреси на 6 февруари, соопшти Генералниот директорат на турската полиција. Против 651 лице е поведена судска постапка, приведени се 157, а на 29 им е одреден притвор.
МАКЕДОНИЈА - Македонија останува во групата „делумно слободни “ земји, според рангирањето на организацијата „Фридом хаус“. Во најновиот извештај насловен „Слободата во светот 2023“, Македонија бележи напредок од еден индексен поен и има годишен индекс на слободата од 68 од можни сто поени.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за образование и наука соопшти дека експерти работат на подготовка на нацрт верзија на нов Закон за учебници во основно и во средно образование. Иницијатори за нов закон се Министерството и Педагошката служба, за да се унапреди квалитетот на содржината на учебници, да се намали веројатноста од појава на грешки од различна природа во содржината и да се поедностави процесот на набавка и навремена испорака до училиштата.
ГРУЗИЈА - Пратениците во грузискиот Парламент го повлекоа предлог-законот за „странски агенти“ по неколкудневните протести против него, соопшти денеска владејачката партија Грузиски сон.