Молдавија се сомнева дека бил планиран „терористички“ напад во Придњестровје

Молдавскиот премиер Дорин Рецеан

Молдавија се сомнева во тврдењата на де факто властите во Придњестровје дека спречиле „терористички“ заговор организиран од Украина за убиство на лидерите на сепаратистичкиот регион, додека Киев оцени дека се работи за руска провокација.

Самопрогласеното Министерство за државна безбедност на Придњестровје денеска соопшти дека привеле неколкумина осомничени и отвориле истрага за „организирање терористички напад“ и „заговор за убиство на две или повеќе лица во врска со нивната службена положба“.

Молдавскиот премиер Дорин Рецеан изјави дека неговата влада не може да ги потврди тие информации.

„Молдавија е во стабилна состојба и нема опасност од ескалација“, рече тој.

Александру Фленчеа, молдавски копретседател на Заедничката контролна комисија, трилатерално молдавско-украинско-руско тело задолжено за одржување на мирот во Придњестровје, за РСЕ изјави дека обвинението е „информативна бомба“. Тој рече дека единствен начин за спречување такви ситуации е „близок контакт меѓу Кишињев и Тираспол во врска со безбедносната состојба“.

Видете и ова: Москва – Напад врз Придњестровје ќе се смета за напад врз Русија


Украинската служба за безбедност, во објава на социјалните мрежи, порача дека обвинението треба да се смета „исклучиво како провокација организирана од Кремљ“.

Русија лажно тврдеше дека Украина планира да го нападне Придњестровје. Тоа ги зголеми сомнежите дека Москва бара изговор да го анектира овој сепаратистички регион, како што направи со украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Москва соопшти дека секој напад врз Придњестровје ќе го смета како напад врз Русија.

Москва е единствен поддржувач на Придењстровје и таму има воена база со повеќе од 1000 војници.

За некои аналитичари, ако руската војна против Украина се прошири, Молдавија веројатно ќе биде наредната руска мета.

Прозападната молдавска претседателка Маја Санду предупреди дека Русија планира акции за дестабилизирање на земјата за да оправда инвазија од Придњестровје и да може да ја користи Молдавија за напади врз Украина.

Де факто главниот обвинител на Придњестровје Анатоли Гурецки за локалните медиуми изјави дека нападот требало да се случи во преполна област во Тираспол, главен град на регионот, и дека имал за цел „не само ликвидација на највисокото државно раководство, туку и да предизвика голем број колатерални жртви“.

Локални медиуми објавија дека еден од осомничените со криминално досие, родум од Тираспол, се преселил во украинскиот град Одеса, каде што минатата година им се придружил на силите на територијална одбрана, по што бил преместен во Украинската безбедносна служба.

Руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека наводниот обид за атентат требало да се случи на 6 март, а мета бил сепаратистичкиот лидер Владимир Красноселски.

Придњестровје, каде што главно се зборува руски јазик, прогласи независност од Молдавија во 1990 година, поради стравување дека Кишињев може да побара обединување со соседната Романија, со која дели заеднички јазик и историја.

Двете страни водеа кратка, но крвава војна во пролетта 1992 година, која беше спречена од руските сили стационирани во Придњестровје, кои интервенираа од страна на сепаратистите и оттогаш тврдат дека дејствуваат како мировници.