Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти го потврдиле своето учество на средбата на високо ниво во Охрид, на 18 март, соопштија од канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Состанокот е на иницијатива на шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел. Негов е и изборот состанокот на високо ниво во рамки на дијалогот Белград - Приштина да се одржи во Охрид.
Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак, ќе одржат одделни средби со лидерите, по што ќе следи заедничка трилатерална средба. На средбата ќе стане збор за финализирање на Анексот за имплементација на Договорот со ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Во меѓувреме Лајчак од попладнево ја почнува дводневната посета на Приштина. А по Приштина ќе го посети и Белград.
Минатата недела Лајчак најави посета на Приштина и Белград со цел да се преземат дополнителни чекори за усогласување на патоказот за имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, пред средбата на највисоко ниво во Охрид на 18 март.
Видете и ова: Лајчак во дводневна посета на ПриштинаПредлогот на ЕУ за нормализација на односите не е потпишан, иако двете страни се усогласија околу текстот на договорот.
Од ЕУ на 2 март соопштија дека, откако двете стани се усогласиле за предлогот, не е потреба понатамошна дискусија, и дека тестот сега прераснува во „договор за патот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Европскиот предлог, кој има поддршка од западните земји, се состои од единаесет точки и има за цел да ги реши разликите меѓу двете страни.
Во него експлицитно не се споменува меѓусебно признавање, но во членот два се вели дека страните мора да ја почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминацијата.
Се предвидува посебен аранжман за српската заедница во Косово, гаранции за СПЦ и признавање на државните симболи, царински печати, регистарски таблички и дипломи.