Уште три лица вработени во грчката железница, се гонат кривично за железничката несреќата, во која минатата недела загинаа 57 луѓе, објави онлајн изданието на весникот „Катимерини“.
Покрената е постапка против инспекторот на железницата, поради тоа што го ставил ноќна смена сега веќе уапсениот шеф на станицата и уште двајца шефови на станицата во Лариса кои требало да бидат присутни до 23 часот, но си заминале порано.
Тројцата, се товарат за нарушување на безбедноста на превозот, што е кривично дело казниво со касна затвор од десет години до доживотна казна, како и за убиство од небрежност.
По железничката несреќа кај Темпи минатата седмица со 57 загинати, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одржал средба со претставници на Европската комисија надлежни за железничкиот сообраќај, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Членовите на европската делегација треба да достават конкретни предлози за подобрување на работата на железничката мрежа, за безбедноста на транспортот, надградба на инфраструктурата и најдобро можно искористување на европските фондови за инвестиции во грчките железници.
Грчкиот премиер истакнал дека Грција, во рамките на целосно транспарентната истрага за трагедијата во Темпи, целосно ќе ја искористи експертизата и искуството на европските служби.
Железничката несреќа и мерките за безбедноста во железничкиот сообраќај ќе бидат единствената тема на денешната владина седница што ја свика грчкиот премиер.
Несреќата на 28 февруари предизвика јавно незадоволство поради катастрофалната состојба на грчката железничка мрежа, за која работниците што штрајкуваат порачаа дека се виновни за тоа долгогодишното запоставување, недоволно инвестирање и недоволно персонал, а сето тоа е резултат на децениската должничка криза во земјата.