Празник, протести, директори, платеници...
МАКЕДОНИЈА - Голем број на жени и мажи се придружија на денешниот марш во Скопје под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“, организиран по повод Меѓународниот ден на жената 8 март. Како што најавија организаторите, маршот е одраз на случувањата во земјата, особено кон колективната негрижа кон жените и девојките, растечките стапки на насилство врз жените, фемицидите, економските и здравствени неправди...
ГРЦИЈА - Десетици илјади луѓе денеска маршираа во Атина и во градовите низ Грција, протестирајќи поради смртта на 57 лица во трагичната железничка несреќа што откри значителни празнини во безбедноста на железницата. Работничките синдикати и студентските здруженија организираа демонстрации, додека штрајковите ги запреа траектите до островот и јавните транспортни услуги во Атина, каде што протестираа најмалку 30.000 луѓе.
УКРАИНА - Претседателот на Украина Володимир Зеленски и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска повикаа на продолжување на договорот со Москва, кој му овозможи на Киев да извезува жито преку пристаништата на Црното Море за време на инвазијата на Русија.
САД - Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, на новинарско прашање за американската „црна листа“ денеска изјави дека тоа е процес што ќе продолжи и дека верува оти на неа во следните неколку месеци е можно да се најдат некои имиња.
МАКЕДОНИЈА - Клиниките за неврологија, дерматовенерологија, ендокринологија и очни болести ќе добијат нови директори, соопшти денеска министерот за здравство Фатмир Меџити на брифинг со новинарите. Нови организациски директори пак ќе добијат клиниките за онколошки болести и гинекологија и акушерство.
ГЕРМАНИЈА - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска предупреди на предвремени обвинувања, откако медиумите објавија дека американското разузнавање сугерирало оти проукраинска група стои зад минатогодишните напади на гасоводот Северен тек.
ФРАНЦИЈА - Возачите на метроа и возови, работниците во рафинериите за нафта, собирачите на ѓубре и другите работници во Франција кои се незадоволни од планот за пензиски реформи, денеска штрајкуваат низ целата земја.
МАКЕДОНИЈА - Aктуелните хибридни закани и напади со кои се соочува Северна Македонија, како и другите земји членки на НАТО биле тема на разговор на денешна работната средба на премиерот Димитар Ковачевски и неколку министри со делгација на НАТО предводена од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи.
РУСИЈА - Шефот на руската приватна платеничка армија, Вагнер денеска изјави дека неговите војници го зазеле „целиот источен дел“ на Бахмут, центарот на борбите во источна Украина.
„Војниците на Вагнер го зазедоа целиот источен дел на Бахмут, сè источно од реката Бахмутка“, изјави Евгениј Пригожин во аудио порака објавена од неговата прес-служба.