Меџити менува шест директори на клиники

Фатмир Меџити, министер за здравство

Клиниките за неврологија, дерматовенерологија, ендокринологија и очни болести ќе добијат нови директори, соопшти денеска министерот за здравство Фатмир Меџити на брифинг со новинарите. Нови организациски директори пак ќе добијат клиниките за онколошки болести и гинекологија и акушерство.

Смената на директорите е според договорот за влез на Алијансата за Албанците во владината коалиција.

Новиот министер вели дека мора да се најде заедничко решение за зголемување на платите на здравствените работници, кои најавија протест доколку не го добијат бараното зголемување со мартовската плата.

„Мора да најдеме решение. Тука ја имаме и поддшката на премиерот и мора да се најде решение за да почнат работите во здравството да одат напред“, изјави Меџити.

Синдикатот на Клинички центар и Самостојниот синдикат за здравство бараат зголемување на платите на вработените, бидејќи како што велат, по зголемување на минималната плата медицинските лица ќе земаат иста плата со хигиеничарите.

Видете и ова: Штрајк на приватните лекари, бараат повисока капитација

На денешната прва средба со новинарите министерот ги претстави и приоритетите во неговиот мандат. Повеќето од нив се стари проблеми во македонскиот здравствен систем. Министерот и неговите советници ветуваат решавање на проблемот со сообраќајниот хаос на Клинички, ажурирање на позитивната листа на лекови која не е обновена повеќе од десет години, итно отворање на Нов ургентен центар на интерните клиники, регионализација на здравството, воведување на втори смени на работа на лекарите итн.

„Другото многу важно прашање кое долго време се поставува во државата кое е од голема итност и треба убаво да размислиме е да го продолжиме проектот за нов клинички центар и да направиме регионализација на сите болници во државата. И за регионализацијата и за клиничкиот центар имаме детален проект во програмата како ќе се одвиваат работите понатаму“, најави министерот Меџити.

Со цел подобрување на здравствените услуги, министерот најавува и ажурирање на системот „Мој термин“, а за понатаму и „патека за движење на пациентите“.