Боишта и патишта
САД / МЕКСИКО - Двајца од четворицата Американци киднапирани од вооружени напаѓачи во пограничен град со Мексико во петокот беа пронајдени мртви, а двајца беа пронајдени живи, соопшти денеска мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор на прес конференција.
ГЕРМАНИЈА - Одлуката за трајно распоредување на германска бригада во Литванија ќе биде одлука што треба да ја донесе НАТО. Ова денеска го изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус како одговор на повиците на Вилнус за поголемо присуство на НАТО во земјата.
БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел изјави дека го поздравува конструктивниот пристап на Косово и Србија кон дијалогот со посредство на Европската унија и посочи дека тоа е „историска можност“ да се постигне траен мир.
БАНГЛАДЕШ - Најмалку 15 луѓе загинаа, а над 100 се повредени на 7 март во Бангладеш по експлозија во деловна зграда во раздвижен трговски кварт. Причината за експлозијата засега е непозната, но фаталните пожари и експлозии во згради се вообичаени во Бангладеш, каде што грижата за безбедноста често е на ниско ниво. Експлозијата ги потресе четвртиот и петтиот кат на седумкатница во Гулистан, главен центар за трговија на големо во областа Дака.
ИТАЛИЈА - Два ултра лесни воени авиони У-208 од италијанското воено воздухопловство се судрија денеска, во близина на Рим. Еден од авионите паднал во поле во близина на градот Гвидонија, додека другиот се урнал на улица меѓу куќи во овој град на периферијата на Рим. Двајцата пилоти загинаа, пренесуваат италијанските медиуми.
ЕУ - Европската унија санкционираше девет лица, вклучително и двајца руски команданти вклучени во војната во Украина и три организации. Унијата смета дека тие се одговорни за сексуално насилство и други прекршувања на правата на жените. Ова е првпат ЕУ да издаде пакет санкции насочени кон сторителите на сексуално насилство, користејќи ги овластувањата што ги воспостави во 2020 година.
МАКЕДОНИЈА - Владата денеска го одобри договорот за изградба на коридорите 8 и 10-Д кој дојде на предлог од Комитетот, со кој раководи Вицепремиерот Артан Груби. Во владиното соопштение е наведено дека одобрувањето на договорот доаѓа по четиринеделните преговори кои се водеа меѓу консултантот за финансиски трансакции на Владата, ИРД и меѓународниот конзорциум Бехтел-Енка.
БЕЛОРУСИЈА - Уапсени се украинско - руски државјани за организирање на напад со беспилотно летоало врз руски воен товарен авион во воздухопловната база во близина на Минск, настан кој се случи кон крајот на минатиот месец.
ЧЕШКА - Испраќањето на западни борбени авиони за помош на Украина може само да го искомплицира конфликтот, вели новоизбраниот претседател на Чешка, пензионираниот генерал Петр Павел. Тој се спротивставува на идејата за воени авиони во оваа фаза,вели можеби подоцна, но дека сепак треба да се испрати воена помош и тоа во тенкови, оклопни возила и артилерија.
АВГАНИСТАН - Нивото на вработеност на жените во Авганистан драстично падна откако талибанската администрација ја презеде власта во 2021 година, покажуваат новите податоци на Меѓународната организација на трудот (МОТ).
УКРАИНА - Русија ги засили нападите врз Бахмут во изминативе 24 часа, соопшти украинската војска на 7 март. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја зајакне одбраната на опколениот град во источниот регион Донецк, велејќи дека тој и неговите воени команданти се согласиле дека повлекувањето не е опција.