Одлуката за трајно распоредување на германска бригада во Литванија ќе биде одлука што треба да ја донесе НАТО. Ова денеска го изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус како одговор на повиците на Вилнус за поголемо присуство на НАТО во земјата.
„Ова не зависи од тоа кој што сака, или кој што сака да обезбеди, туку од НАТО“, им рече Писториус на новинарите на вежбите на стотици германски војници во Литванија.
Говорејќи за време на посетата на теренот за обука на Пабраде во Литванија, Писториус ја истакна заложбата на Германија за воена заштита на нејзините партнери во НАТО „без АКО или НО“. Писториус додаде дека Литванија е домаќин на повеќе германски трупи на НАТО отколку војници од кој било друг од 30 члена на Алијансата.
Видете и ова: Литванија усвои резолуција во која Русија ја нарекува „терористичка држава“Од 2017 година, Германија води меѓународен баталјон со 1.500 војници во Литванија, како дел од напорите на НАТО да ја одврати агресијата на Русија. Балтичкиот регион е меѓу најслабите места на Алијансата на источното крило. Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, балтичките држави како Естонија, Латвија и Литванија повикуваат на поголеми и постојани распоредувања на воените сили на НАТО.
Минатата година литванските пратеници едногласно усвоија резолуција со која Русија ја признаваат како „терористичка држава“, a неиспровоцираната инвазија на Москва врз Украина ја нарекуваат „геноцид врз украинскиот народ“.