Руси и талибанци меѓу санкционираните од ЕУ за сексуално насилство

Илустрација

Европската унија санкционираше девет лица, вклучително и двајца руски команданти вклучени во војната во Украина и три организации. Унијата смета дека тие се одговорни за сексуално насилство и други прекршувања на правата на жените. Ова е првпат ЕУ да издаде пакет санкции насочени кон сторителите на сексуално насилство, користејќи ги овластувањата што ги воспостави во 2020 година.

Пакет санкции против сторителите на сексуално и родово базирано насилство имаат за цел да ја зајакнат глобалната одговорност, изјави високиот претставник за надворешни работи Жозеп Борел.

„Се поголемото угнетување на жените и девојките на глобално ниво и нападите врз нивните човекови права се алармантни. Ние стоиме со жените во Иран, чии слободи се систематски ограничени, и со оние во Авганистан, каде талибанците се обидуваат да го избришат присуството на жените и девојките од јавниот простор, како и секаде во светот каде што се загрозени или негирани основните права и слободи на жените“, изјави Борел.

Како што рече тој, ЕУ е „длабоко загрижена“ од извештаите дека руските вооружени сили користат сексуално насилство врз жените и децата во Украина како воено оружје.

„Овие дејствија претставуваат воени злосторства и сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Ќе продолжиме да работиме со нашите меѓународни партнери за да ја натераме Русија да плати за овие злосторства“, рече Борел.

Видете и ова: Пакистанските власти го забранија маршот за женски права во Лахоре

Санкциите, исто така, се насочени кон двајца полицајци во Москва, двајца талибански претставници и други во Мјанмар и Јужен Судан. Ова го покажува списокот на санкционирани од ЕУ, во кој имаше увид новинската агенција Ројтерс.

ЕУ, исто така, соопшти дека донела важни одлуки за да се осигура дека жените во ЕУ имаат исти можности како и мажите. На пример, со новите правила на ЕУ за рамнотежа на половите во корпоративните одбори или транспарентноста на платите, желбата на Унијата е да постави правила на ниво на ЕУ за борба против насилството врз жените и семејното насилство.