Владата денеска го одобри договорот за изградба на коридорите 8 и 10-Д кој дојде на предлог од Комитетот, со кој раководи Вицепремиерот Артан Груби. Во владиното соопштение е наведено дека одобрувањето на договорот доаѓа по четиринеделните преговори кои се водеа меѓу консултантот за финансиски трансакции на Владата, ИРД и меѓународниот конзорциум Бехтел-Енка.
„Денеска е голем ден во Управниот комитет и во Владата каде го разгледавме Извештајот на нашиот консултант за преговорите со конзорциумот Бехтел Енка за изградба на Коридорот 8 и 10-Д како и одобрување на содржината и потпишување на договорот”, истакна Груби.
Коридорот 8 е долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и има шест ленти.
Договорите поврзани со изградбата на овие автопатишта деновиве се во фокусот на јавноста.
Порталот Призма на 2 март објави дека дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор, е и фирма во кои удел има македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ. Тој е под истрага на ерменското обвинителство заради вмешаност во корупциски скандал поврзан со изградба на патишта, а од таму побегнал со помош на македонски дипломати.