Над 100 милијарди долари е штетата од земјотресот во Турција

Илустрација, спасувачи пребаруваат под урнатините во потрага по преживеани од земјотресот

Материјалната штета предизвикана од земјотресот во Турција надминува 100 милијарди долари, покажува првичната проценка на Светска банка, ОН, Европската унија и Владата во Анкара. При најголемиот земјотрес досега кој настана пред еден месец загинаа над 46 илјади луѓе.

Шефица на Програмата за развој на ОН во Турција, Луиза Винтон на видео-конференција на ОН во Женева од Газиантеп, Турција, изјави дека „трошоците за реконструкција и сè што оди со подобра и поеколошка реконструкција очигледно ќе ја надмине таа сума“.

„Проценките и натаму се засноваат на прелиминарни податоци, но износот од 100 милијарди долари за штета ќе биде претставен на донаторската конференција за реконструкција на 16 март во Брисел“, рече Винтон.

Видете и ова: Колера и други заразни болести-закана за областите погодени од турскиот земјотрес

Речиси 46.000 луѓе загинаа, а 105.000 беа повредени во земјотресот во Турција од 6 февруари, со јачина од 7,8 степени и последователниот од 7,6 степени, но билансот сè уште не е целосен.

Во 11 од 81 провинција во Турција, 214.000 згради беа уништени или оштетени, од кои некои беа високи повеќе од 10 ката. Во тие земјотреси загинаа речиси 6.000 луѓе и во соседна Сирија, каде што исто така материјалната штета е голема.