Парламентарна делегација од Унгарија на 7 март изјави дека ја поддржува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, откако се сретна со претседателот на шведскиот парламент за да го испегла она што унгарската владејачка партија го нарече „политички спор“.
Некои унгарски пратеници покренаа сомневања за тоа дали да ги поддржат апликациите за членство во НАТО од страна на Шведска и Финска, наведувајќи ги како што ги нарекуваат „еклатантни лаги“ од Стокхолм и Хелсинки за состојбата на демократијата во Унгарија.
Но, унгарската делегација во вторникот посочи дека парламентот во Будимпешта на крајот ќе ја ратификува кандидатурата на Шведска за НАТО.
„Ние го поддржуваме членството на Шведска во НАТО“, изјави заменик-претседателот на парламентот на Унгарија, Чаба Хенде.
Тој додаде дека е неопходно да се подобрат билатералните односи меѓу Будимпешта и Стокхолм.
Видете и ова: Унгарија ја одлага ратификацијата на членството на Шведска и Финска во НАТОПретходно, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека „не е во ред да бараат од нас да влезат во НАТО, додека шират бесрамни лаги за Унгарија, за владеењето на правото во Унгарија”.
Според Арон Емилсон, претседател на Комитетот за надворешни работи на шведскиот парламент, кој исто така се сретна со унгарската делегација, Унгарија не поставила никакви услови.
„Разговаравме за зајакнување и подобрување на билатералните односи и меѓусебното разбирање на уставните традиции“, изјави тој.
Делегацијата, која се состана со претседателот на шведското собрание, Андреас Норлен, во Стокхолм, ќе ја посети и Финска за да се обиде да ги разјасни своите позиции. Патувањето во двете нордиски земји ги одложи плановите за ратификација на апликациите, одложувајќи го гласањето за две недели.
Унгарија е единствената земја членка на НАТО, покрај Турција, која сè уште не ги одобрила кандидатурите на Шведска и Финска. Шведска и Финска се откажаа од својата долгогодишна воена неутралност и побараа членство во НАТО во мај како одговор на руската војна во Украина.
Посетата се одржува додека во Стокхолм се одржува неформалниот дводневен состанок на министрите за одбрана на ЕУ, а во главниот град генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се состана со шведскиот премиер Улф Кристерсон. Шведска моментално претседава со Европската Унија.