Павел е против идејата за испраќање на воени авиони во Украина

Илустрација, новоизбраниот претседател на Чешка, пензионираниот генерал Петр Павел.

Испраќањето на западни борбени авиони за помош на Украина може само да го искомплицира конфликтот, вели новоизбраниот претседател на Чешка, пензионираниот генерал Петр Павел. Тој се спротивставува на идејата за воени авиони во оваа фаза,вели можеби подоцна, но дека сепак треба да се испрати воена помош и тоа во тенкови, оклопни возила и артилерија

„ Во оваа фаза, мислам дека тоа веројатно би ја искомплицирало ситуацијата. Технички, потребни се најмалку шест месеци за да се испорачаат нови авиони и да се обучуваат пилоти, рече Павел во интервју објавено денеска во францускиот весник „Ле Монд“.

Новоизбраниот претседател на Чешка, кој ќе положи заклетва на 9 март, изјави дека со испраќањето кон Украина на 89 стари тенкови Т72 од советско и руско производство, ги достигнала границите на помош и дека можеби сè уште може да испрати 14 тенкови Леопард 2 што ги добила како подарок од Германија, иако тоа би претставувало одреден ризик за одбранбената способност на самата Чешка.

Видете и ова: Чешка одобри нов пакет воена помош за Украина


На тој предлог, што прва го спомна Германија, за забрзување на испорката на тенковите Лепард за Украина, категорично го одби чешкиот премиер Петр Фиала, посочувајќи дека Чешка прво мора да води сметка за својата одбрана.

Новоизбраниот претседател Павел во интервјуто оценува дека сега е речиси невозможно да се разговара со Русија за мир, затоа што тамошното раководство мора да покаже волја за преговори и предложи рамка за мировен договор.

„Како може да разговарате со некој кој води агресивна војна, речиси секој ден гаѓа цивилни таргети, а на светот му се заканува со нуклеарна апокалипса,“ изјави Павел.

Според оценката на Павел, погрешни се потезите на неговите претходници Вацлав Клаус и особено Милош Земан од Чешка да направи мост меѓу Истокот и Западот.