Ракети и социјални мрежи

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите воени команданти одлучија да продолжат да го бранат источниот град Бахмут, кој руските сили и платениците на Вагнер со месеци очајно се обидуваа да го освојат.

МАКЕДОНИЈА - Двајца мажи се убиени, еден е ранет во вооружена престрелка во Старата скопска чаршија. Министерството за внатрешни работи (МВР) го потврди убиството на две лица вечерва кафе бар во Старата скопска чаршија.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за финансии соопшти дека е издадена еврообврзница од 500 милиони евра со купонска камата од 6,96 отсто и рок на отплата од 4 години.
Дополнителни 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија по каматна стапка од приближно 3%.

БУГАРИЈА - Здравствените власти во Бугарија денеска соопштија дека оваа година ќе бидат уништени 2,8 милиони дози вакцини против ковид-19 на кои им истече рокот на употреба. Во земјата со најниска стапка на вакцинација во ЕУ веќе беа уништени 2,3 милиони дози вакцини.

ИРАН - Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи го осуди бранот сомнителни труења на девојчиња во десетици училишта, како „непростлив криминал“.
„Сторителите на ова злосторство мора да бидат сериозно казнети. Нема да има амнестија за такви луѓе“, рече денеска ајатолахот Али Хаменеи, пренесе ДПА повикувајќи се на државните ирански медиуми.

ДАНСКА - Данското Министерство за одбрана им се приклучи на другите западни земји во забраната за употреба на кинеската платформа за кратки видеа ТикТок на службените мобилни телефони и други уреди. Употребата на платформата е забрането од безбедносни причини, но и затоа што апликацијата е потребна само до многу ограничен степен за работата на вработените, соопшти Министерството во Копенхаген во понеделникот.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе има „последици“ доколку Кина испрати оружје во Русија поради војната на Москва во Украина, но додаде оти е оптимист дека Пекинг ќе се воздржи од тоа.

МАКЕДОНИЈА - Полицијата има одредени сознанија за луѓе што испраќале лажни закани за бомби од македонска територија, а во последните неколку дена генерално тие што доаѓаат со ВПН (Виртуелна приватна мрежа) од надвор се од Иран и Русија, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на „Обединети за Македонија“ Љубе Бошкоски.

РУСИЈА - Шефот на руската платеничка војска Вагнер, Евгениј Пригожин, рече дека тие не добиваат муниција која им е потребна од Москва додека се обидува да ја преземе контролата врз Бахмут.

ГРЦИЈА - Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини по железничката несреќа, во која загинаа 57 луѓе.
„Како премиер им должам на сите, но пред сѐ на роднините на жртвите едно големо извинување. И лично и во името на сите кои со години владееја со државата. Бидејќи, навистина, во Грција во 2023 година не може два воза да се движат во спротивни насоки по иста линија и никој да не го забележи тоа“, напиша Мицотакис на Фејсбук.