Министерството за финансии соопшти дека е издадена еврообврзница од 500 милиони евра со купонска камата од 6,96 отсто и рок на отплата од 4 години.
Дополнителни 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија по каматна стапка од приближно 3%.
Еврообврзницата од 600 милиони евра што минатиот месец пропадна поради оставката на министерот за правда Никола Тупанчески требаше да биде со камата од 6,25 отсто.
Видете и ова: Одложувањето на еврообврзницата може да нè чини милиони евра„Ова значи дека рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година и другите отплати на претходни задолжувања, кои достасуваат и за кои беа наменети овие средства, ќе се изврши според исти каматни трошоци постигнати со претходната аукција“, велат во Министерството за финансии.
Тие велат дека интересот на инвеститорите за деветтата еврообврзница беше повисок во однос на првата аукција, „што ја докажа уште еднаш нивната доверба во политиките кои ги води Владата“.
Владата ја издаде еврообврзницата од 600 милиони евра на 8 февруари, но не успеа да го заврши процесот, затоа што е потребен потпис од министерот за правда, а министерот Тупанчески во меѓувреме поднесе оставка.
Задолжувањето се прави заради враќање на стари долгови. Годинава за враќање доспеваат 600 милиони евра стари кредити, од кои најголем дел е седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година.
Експертите предупредуваа дека во вториот обид Македонија ќе добие полоши кредитни услови и ќе треба да плаќа повисока камата.