Бугарија уништува три милиони антиковид вакцини со истечен рок

Протест против задолжителното вакцинирање против ковид-19 во Софија на 14 мај 2020 година

Здравствените власти во Бугарија денеска соопштија дека оваа година ќе бидат уништени 2,8 милиони дози вакцини против ковид-19 на кои им истече рокот на употреба. Во земјата со најниска стапка на вакцинација во ЕУ веќе беа уништени 2,3 милиони дози вакцини.

Министерот за здравство Асен Меџидиев рече дека Бугарија има премногу вакцини, мал опфат со вакцинација и дека нема луѓе кои сакаат да се вакцинираат.

Тој рече и дека Бугарија ја повикала Европската комисија да го раскине договорот со Фајзер/БиоНтек, според кој, неговата земја има обврска да купува вакцини против коронавирисот до 2025 година.

Видете и ова: Судири во Софија на полицијата и демонстрантите против ковид мерките


Меџидиев додаде дека бугарска позиција ја поддржуваат и Полска, Чешка и Литванија.

Министерот рече дека за Бугарија, земја со 6,5 милиони жители, е „ирационално“ да купува вакцини кои на крајот ќе ги уништи.

Официјалните податоци покажуваат дека Бугарија уништила повеќе вакцини против ковид-19 отколку што му дала на населението.

Во Бугарија се искористени околу 4,6 милиони дози вакцини, околу два милиони луѓе се целосно вакцинирани со две дози, а скоро еден милион луѓе примиле „бустер“ доза.

Во земјата досега се регистрирани околу 1,3 милиони случаи на ковид-19, а починаа над 38 илјади луѓе.