Зеленски нареди да продолжи одбраната на Бахмут

Урнати згради од жестоките борби во Бахмут

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите воени команданти одлучија да продолжат да го бранат источниот град Бахмут, кој руските сили и платениците на Вагнер со месеци очајно се обидуваа да го освојат.

Информациите за средбата на Зеленски со командантите на украинската армија се наведуваат во соопштението испратено од кабинетот на украинскиот претседател.

„На средбата детално се разговараше за ситуацијата во Бахмут“, се наведува во соопштението и се додава дека „учесниците се договорија да продолжат со одбранбените операции и натамошно зајакнување на нашите позиции во Бахмут“.

Рововски битки за Бахмут

На средбата, покрај Зеленски и воените команданти, присуствуваа и шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак, шефот на военото разузнавање Кирило Буданов, украинскиот премиер Денис Шмихал и главниот секретар на Советот за национална одбрана и безбедност Олексеј Данилов.

Руските сили во последната недела почнаа да напредуваат во обид конечно да го освојат Бахмут, градот во источен Донбас, што се обидуваат да го заземат уште од септември. Последните денешни информации се дека во и околу градот се водат жестоки улични борби.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно денеска се обиде да ја омаловажи важноста на Бахмут, изјавувајќи дека неговиот пад „нема да значи ниту оперативно, ниту стратешко нарушување“ на украинската војска.

Шефот на руската платеничка војска Вагнер, Евгениј Пригожин, претходно се пожали дека тие не ја добиваат муницијата која им е потребна од Москва додека се обидуваат да ја преземат контролата врз Бахмут.