Данското Министерство за одбрана им се приклучи на другите западни земји во забраната за употреба на кинеската платформа за кратки видеа ТикТок на службените мобилни телефони и други уреди.
Употребата на платформата е забрането од безбедносни причини, но и затоа што апликацијата е потребна само до многу ограничен степен за работата на вработените, соопшти Министерството во Копенхаген во понеделникот.
Секој што има инсталиран ТикТок на своите службени мобилни телефони или други уреди, треба да ја избрише апликацијата што е можно поскоро.
Видете и ова: Белата куќа забрани ТикТок на уредите на сојузните агенцииМинистерството ги следи препораките на Данскиот центар за компјутерска безбедност (CFCS), кој неодамна советуваше да не се користи ТикТок на уредите на владините агенции.
Како што пренесе ДПА повикувајќи се на данските медиуми, министерствата за правда и клима и енергија во земјата веќе ја забраниле апликацијата.
Апликацијата веќе е забранета на службени мобилни телефони во други западни земји, како што се САД и Канада, а ја забрани и Европската комисија за нивните вработени, поради стравување дека Пекинг преку неа би можел да дојде до податоци за корисници од целиот свет.
ТикТок во ноември призна дека некои негови вработени во Кина можат да пристапат до податоците од европските корисници, а во декември призна дека вработените ги користеле тие податоци за да следат новинари. Сепак, компанијата негира дека кинеската влада има каква било контрола или пристап до нејзините податоци.