Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе има „последици“ доколку Кина испрати оружје во Русија поради војната на Москва во Украина, но додаде оти е оптимист дека Пекинг ќе се воздржи од тоа.
Шолц ова го изјави во вчерашното интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен, два дена по средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон.
Американските власти неодамна предупредија дека Кина би можела „да отстапи од маргината“ до која се држи и да почне да испорачува оружје и муниција за Москва. Пред неговото патување, Шолц го повика Пекинг да се воздржи од испраќање оружје и наместо тоа да го искористи своето влијание за да изврши притисок врз Русија да ги повлече своите трупи од Украина.
Видете и ова: Блинкен ја предупреди Кина дека ќе следуваат санкции ако испрати воена помош за РусијаНа прашањето од Си-Ен-Ен дали може да замисли да ја санкционира Кина ако ѝ помогне на Русија, Шолц рече:
„Мислам дека ќе има последици, но сега сме во фаза кога јасно велиме дека тоа не треба да се случи, а јас сум релативно оптимист дека во овој случај ќе бидеме успешни со нашето барање, но ќе мора да го разгледаме и мора да бидеме многу, многу внимателни“.
Германија има најголема економија во Европа, а Кина е нејзин најголем трговски партнер во последните години.