Полицијата има одредени сознанија за луѓе што испраќале лажни закани за бомби од македонска територија, а во последните неколку дена генерално тие што доаѓаат со ВПН (Виртуелна приватна мрежа) од надвор се од Иран и Русија, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ВПН е механизам за обезбедување сигурна врска преку интернет.
„Генерално последните неколку дена според форензиката што се прави во МВР, дојавите одат преку ВПН адреси, меѓутоа почетните се јавуваат од Иран и Русија. Важно е да се истакне дека тие ВПН адреси се платени преку крипто-валути, што дополнително ја отежнува можноста да се утврди точниот извршител на ова кривично дело. Имаме веќе изолирано во истражната постапка одредени сознанија за луѓе кои тоа го правеле и од територија на Република Северна Македонија. Таа истрага е во напредна фаза и кога за тоа ќе дојде моментот, ќе ја информираме јавноста“, изјави Спасовски по денешната конференција „Униформа, оклоп кој значи ранивост - нашата секојдневна борба на два фронта“, во организација на Министерството за труд и социјала.
Видете и ова: Еден јавен и еден таен протокол, дел од мерките за лажните дојави за бомбиВо Македонија се месеци има лажни дојави за бомби во училишта и други јавни објекти, а учениците губат часови додека да се направат безбедносни проверки.
Спасовски вели дека состојбата е целосно под контрола.
„Будно работиме во целиот изминат период, затоа што за нас сигурноста, безбедноста и спокојот на граѓаните се на прво место“, порача тој.
Спасовски потсети дека има нови упатства, мерки и планови што се преземаат за вакви кибер закани. Тој ги смета заканите за тероризам.