Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на „Обединети за Македонија“ Љубе Бошкоски.
„Од вчера се преземаат активности во низа на оперативно-криминалистички постапки од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје. Ќе ги согледаме сите факти што ќе произлезат од истрагата за да видиме и да откриеме за лицето кое се води како исчезнато, изјави Спасовски“, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата на тема „Униформа, оклоп кој значи ранливост - нашата секојдневна борба на два фронта“, што ја организираше Министерството за труд и социјална политика.
Видете и ова: Мијалков и „алфите“ невини за „Тортура“ врз Љубе БошкоскиВчера беше објавен апел на социјалните мрежи за пронаоѓање на 26-годишниот Самоил Костадиновски.
Сопругата на Бошкоски, Виолета, за ММС потврдила дека тоа е нејзин внук од брат.
„Веќе четири дена го нема, никој ништо не знае, а полицијата трага. Самоил е дете од брат ми и има 26 години. Излегол од дома, наводно го викнале накај Кисела Вода или Драчево. Некој човек, кај што го оставиле автомобилот, кажал дека излегол од својот автомобил и влегол во друг, каде имало тројца луѓе. Потоа кажале дека тоа се случоло кај Чешката амбасада, наводно префрлен во украден автомобил. Засега никој ништо не знае, а телефонот му е исклучен“, изјавила Бошкоска и додала дека семејството не знае која е причината, односно тој дома не зборувал дека имал некакви проблеми.

Архивска фотографија: Виолета Бошкоска, сопруга на Љубе Бошкоски во 2011 година
Според апелот на социјалните мрежи за пронаоѓање на 26-годишното момче, трагата му се губи кај Амбасадата на Чешка во Скопје.
Случајот вчера го потврдија и од Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен.
„На 04.03.2023 во 08.00 часот во СВР Скопје, М.К.(32) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат С.К.(26)“, се наведува во полицискиот билтен.
Љубе Бошкоски беше министер за внатрешни работи за време на воениот конфликт во 2001 година. Во 2005 година беше обвинет од Хашкиот трибунал за воени злосторства. Беше во Хашкиот притвор од 2005 до 2008 година, кога беше ослободен од обвинувањата.
По враќањето во Македонија, ја формираше партијата „Обединети за Македонија“, која беше опозиција на тогашната власт на Никола Груевски. По изборите во 2011 година беше уапсен за нелегално финансирање на изборната кампања и осуден на пет години затвор. Казната ја издржа во затворот Идризово. Европскиот суд за човекови права пресуди дека му биле прекршени правата на фер судење. На повторното судење за случајот, Кривичниот суд во Скопје минатиот месец го ослободи од одговорност.
Бошкоски од 2018 година беше советник на поранешниот премиер Зоран Заев за странски инвестиции.