Шефот на Вагнер се жали дека не ја добива потребната муниција од Москва

Шефот на руската платеничка војска Вагнер, Евгениј Пригожин

Шефот на руската платеничка војска Вагнер, Евгениј Пригожин, рече дека тие не добиваат муниција која им е потребна од Москва додека се обидува да ја преземе контролата врз Бахмут.

Руските сили, припадници на Вагнер и регуларните руски сили, се обидуваат да го заземат овој источен град од Украина, но шефот на Вагнер се пожали на недостиг на муниција, велејќи дека тоа би можело да биде „обична бирократија или предавство“.

Се чини дека односите меѓу Вагнер и Москва се сè понапнати. Групата Вагнер има десетици илјади војници во Украина, некои регрутирани директно од руските затвори, и стана клучен дел од руската инвазија.

Во вчерашното писмо, Пригожин наведе дека документите се потпишани на 22 февруари, а се очекуваше дека муницијата ќе биде испратена во Бахмут веќе следниот ден, но најголем дел не била испорачана, рече тој, сугерирајќи дека тоа би можело да се прави намерно.

Видете и ова: Борби за Бахмут, украинските сили не го даваат, руските тврдат дека го опколиле

Во видео снимка објавена во саботата, но изгледа како снимена во февруари, Пригожин вели дека руската линија на фронтот ќе се урне без неговите сили.
„Ако сега ПМЦ Вагнер (приватна воена компанија) се повлече од Бахмут, тогаш целиот фронт ќе се урне“, порача тој.

Минатиот месец, Пригожин се пожали дека министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов ја ускратуваат испораката на муниција за неговите сили. Во видеоснимката од саботата, тој рече дека неговите луѓе стравуваат дека ќе бидат „поставени“ како жртвени јарци ако Русија ја изгуби офанзивата во Украина.

„Ако се повлечеме, тогаш засекогаш ќе влеземе во историјата како луѓе кои го направиле главниот чекор да ја загубат војната“, рече тој.

Заменик градоначалникот на Бахмут во саботата за Би би си рече дека дошло до улични борби меѓу руските и украинските сили. Меѓутоа, Олександар Марченко рече дека руските сили се уште не ја презеле контролата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека неговата армија е ангажирана во „болна и тешка“ битка против руските сили во регионот Донбас, на истокот на земјата, каде што се наоѓа градот Бахмут.

„Би сакал да оддадам посебна почит на храброста, силата и издржливоста на војниците кои се борат во Донбас“, рече Зеленски во своето редовно вечерно обраќање и додаде дека тоа е „една од најтешките битки – болна и тешка“.

И покрај неговата стратешка важност, која експертите ја оспоруваат, Бахмут стана симбол на борбата за контрола врз индустрискиот регион Донбас, кој се состои од регионите Луганск и Донецк. Русија го анектираше без да преземе целосна контрола врз областа.