Тајван предупредува на ризик од „ненадеен упад“ од Кина во близина на островот

Архивска фотографија: Воени вежби на тајванската морнарица во 2018 година

Тајванскиот министер за одбрана Као Куанчи денеска предупреди дека островот оваа година треба да биде подготвен за „ненадејна инвазија“ на кинеската војска во областите во близина на нејзината територија поради зголемените тензии во тајванскиот теснец.

Во последниве години, Кина ја засили својата воена активност околу Тајван и речиси секојдневно има упади на нејзините воздушни сили во зоната за идентификација на противвоздушната одбрана на островот.

Сепак, Тајван допрва треба да пријави какви било кинески сили кои влегуваат во неговата соседна зона, која се протега на 44,2 километри од крајбрежјето.

Видете и ова: Кина сака мирно обединување со Тајван, Тајпеј сака демократија

Меѓутоа, минатата година Тајван собори цивилно беспилотно летало кое навлезе во неговиот воздушен простор.

За време на парламентарната контрола, министерот Као рече дека Кинеската Народноослободителна армија може да најде изговор да влезе во области кои се блиску до територијалниот воздушен и морски простор. Ова би можело да дојде во услови на зголемена воена размена на островот со САД, што го вознемири Пекинг.

Министерот предупреди дека кинеската војска може да направи „ненадеен упад“ во соседната зона на Тајван и да се приближи до нејзиниот територијален простор.

„Ова го констатирам годинава, имајќи предвид дека се прават такви подготовки. Во иднина, тие би употребиле сила ако навистина има потреба“, рече Као Куанчи.

Тајван вети дека ќе го искористи своето право на самоодбрана и контранапад доколку кинеските вооружени сили влезат на негова територија.

Минатата година Кина спроведе воени вежби без преседан околу Тајван како одговор на посетата на островот од тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Видете и ова: Кина продолжува со воените вежби во Тајван, островот ја обвинува за симулација на напад врз Тајпеј

Според министерот Као, Кина се обидува да создаде проблеми под одреден изговор, додавајќи дека овој изговор може да вклучува посети на островот од високи странски претставници или чести воени контакти на Тајпеј со други земји.

Министерот истакна дека Кина секој ден испраќа десетина авиони и бродови во области блиску до Тајван.

Кинескиот премиер Ли Кеќијанг вчера вети „мирна реунификација“ со Тајван, како и одлучни чекори за спротивставување на независноста на Тајван. Тајпеј одговори дека Пекинг треба да ја почитува посветеноста на тајванскиот народ на демократија и слобода.

Народна Република Кина го смета демократскиот Тајван, чие официјално име е Република Кина, за своја територија.