Тројца ерменски полицајци биле застрелани во заседа од азербејџанска диверзантска група, соопштија властите на етничките Ерменци во Нагорно-Карабах. Властите во Баку, пак, тврдат дека азербејџанската војска се обидувала да ги спречи ерменските возила да шверцуваат оружје во отцепениот регион.
„Полицајците се возеле во возило од Карабах до нашата полициска станица“, рече државен министер во де факто владата на Нагорно-Карабах на 5 март. „Во возилото воопшто немаше оружје или муниција“, додава тој.
Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека „денешниот инцидент уште еднаш покажува дека Азербејџан треба да постави контролен пункт“ на клучниот пат што го поврзува Карабах со Ерменија.
Ерменија и Азербејџан водат војна за азербејџанската територија Нагорно-Карабах и околните области.
Скоро 7.000 луѓе загинаа од двете страни за време на војната во 2020 година, која заврши со враќање на контролата на Баку врз голем дел од регионот и седум соседни области кои беа под контрола на етничките Ерменци три децении.
Видете и ова: Блинкен и Пашинијан разговараа за обновување на разговорите со АзербејџанПрекинот на огнот доведе до распоредување на околу 2.000 руски мировници во областа и заедничко следење на ситуацијата со долгогодишниот азербејџански сојузник Турција.
Ерменија го обвинува Азербејџан за заземање на десетици квадратни километри суверена ерменска територија во серија упади од мај 2021 година. Азербејџан го негира обвинението.