Кинескиот премиер Ли Кеќијанг на 5 март вети „мирна реунификација“ со Тајван, како и одлучни чекори за спротивставување на независноста на Тајван. Тајпеј одговори дека Бекинг треба да ја почитува посветеноста на тајванскиот народ на демократија и слобода.
Кина, која го смета демократскиот Тајван за своја територија, ја зголеми воената активност во близина на островот во изминатите три години, како одговор на, како што го нарече, „заговор“ меѓу Вашингтон и Тајпеј, главниот поддржувач и снабдувач со оружје на Тајван.
Во август, Кина организираше воени вежби околу Тајван, како одговор на посетата на тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси на Тајпеј.
Зборувајќи на отворањето на годишниот состанок на кинескиот парламент, Ли пред околу 3000 делегати рече дека Пекинг се држи до принципот „една Кина“, што значи дека Тајван е дел од Кина, иако директно не се закани со воена акција.
Мнозинството жители на Тајван не покажуваат интерес да бидат под власт на автократска Кина, која никогаш не се откажа од употребата на сила за ставање на островот под своја контрола.
Во одделни коментари за одбраната, Ли рече дека вооружените сили треба да ја зајакнат борбената подготвеност, иако не го спомена Тајван во тој контекст.
Тајванскиот Совет за прашања со копното, како одговор на забелешките на Ли, соопшти дека Пекинг треба да се соочи со реалноста дека двете страни „не се подредени една на друга“.
Официјалното име на Тајван е Република Кина.
Претседателката на Тајван Цаи Инг-вен постојано нуди разговори со Кина, но Кина одбива зашто ја смета за сепаратист.
Владата во Тајпеј силно се противи на тврдењата на Кина за суверенитет над островот и смета дека само 23-те милиони жители на островот може да одлучат за нивната иднина.
На почетокот на 2024 година во Тајван треба да се одржат претседателски и парламентарни избори, а тензиите со Кина веројатно ќе бидат главна тема во кампањата.