Портпаролот на Воздухопловните сили на Украина денеска повторно зборуваше за потребата од модерни западни авиони, особено американски Ф-16, во услови на зголемена закана од руски ракети лансирани од далечина, наведувани ракети и модифицирани бомби кои „може да летаат десетици километри“ пред да ја погодат целта.
Во изјава за телевизија, портпаролот Јуриј Игнат рече дека таквите авиони ќе им помогнат на украинските сили да „ги избркаат“ руските авиони кои испукуваат такви ракети.
Игнат рече дека проценките на украинската војска за нова руска офанзива во Донбас влијаела на други области со пренасочувањето на украински сили и ресурси.
Западот ја поддржува одбраната на Украина од руската агресија и го снабдува Киев со оружје, но меѓу воената помош досега немало авиони од западно производство.