Транспарентна од самиот почеток е постапката и изборот на компанијата која треба да врши надзор и да биде правен трансакциски советник за изградба на Коридорот 8 и 10, реагира Јавното претпријатие за државни патишта, по текстот на Призма, дека фирма која е дел од конзорциумот кој треба да го врши надзорот е вмешана во корупциски и дипломатски скандал во Ерменија.
На конкурсот за избор на фирма која треба да надгледува како се градат патишта од коридорите 8 и 10, се пријавиле три фирми. А била избрана онаа која понудила најдобар квалитет и најдобра цена, односно фирмата „ИРД Инжинеринг“, велат од Јавното претпријатие.
„Изборот помина и на Управна контрола, а до Државната комисија за жалби по јавни набавки беа поднесени две жалби кои што Комисијата ги отфрли“, соопштува државното претпријатие за патишта.
Порталот Призма на 2 март објави дека дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор, е и фирма во кои удел има македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ. Тој е под истрага на ерменското обвинителство заради вмешаност во корупциски скандал поврзан со изградба на патишта, а од таму побегнал со помош на македонски дипломати.
Избраната фирма треба да врши надзор на изградба на четири автопатски делници во должина од 120 километри, што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Видете и ова: Потпишан договор со ИРД Инжинеринг за изградба на четири автопат делнициСпоред најавите на властите се очекува градежни активности да почнат во текот на оваа година.
Премиерот Димитар Ковачевски, на 3 март, одговарајќи на новинарски прашања рече дека „ако некој се сомнева во однос на интегритетот, вработените, подизведувачите или на кој било од учесниците во проектот за изградба на коридорите 8 и 10-Д, тоа може да го пријави до Јавното обвинителство“.