Во Грција се одржуваат протести поради железничката несреќа во која загинаа 57 луѓе. Илјадници граѓани претпладнево се собраа пред грчкиот Парламент во центарот на Атина, а протест имаше и во Солун.
Собирот во Атина на кој им оддадоа и почит на загинатите, заврши со инциденти.
Група маскирани лица се одвои од останатите демонстранти и се судри со полицијата, која одговори со солзавец и шок бомби.
Протестот го организираа вработените во железницата, со поддршка од синдикатите, студентски здруженија, граѓански организации.
Демонстрантите, пуштија во воздух црни балони за да изразат почит за загинатите во несреќата.
Железничката несреќа што се случи во вторникот вечера и е една од најголемите во Грција во изминатите 50 години, предизвика бурни реакции кај граѓаните кои континуирано организираат протести.
Шефот на железничката станица во Лариса кој беше уапсен за несреќата и судирот на двата воза, вчера беше изведен пред истражен судија. Тој побара и доби уште еден ден за подготовка и се очекува денеска да даде исказ.
Уапсениот, се товари, меѓу другото и за убиство од небрежност, а неговиот адвокат, за грчките медиуми рече дека 59-годишниот, направил грешка, презема одговорност, но само за делот што се однесува на него.