Украина јавува за голем број руски жртви во Бахмут

Украински војниц во ров надвор од градот Бахмут, на линијата на фронтот

Украинската војска во изминатите 24 часа одбила најмалку 130 непријателски напади и тврди дека предизвикала многу жртви на руската страна, но не соопштува детали за судбината на источниот град Бахмут. Руските платеници тврдат дека речиси го опколиле градот, кој е цел на повеќемесечна интензивна борба.

Киев се обиде да го нагласи бројот на жртви што и ги нанесе на руската страна во услови на големата офанзива и напори на Москва, да го опколи и зазема Бахмут, во источниот регион Донецк.

Во меѓувреме, претседателот на Украина, Володимир Зеленски се обиде да ги нагласи подготовките на Киев и западната поддршка за предвремен влез во ЕУ, како уште еден аспект на тековната меѓународна поддршка за Украинците кои ја бранат својата земја од руската инвазија која започна пред една година.

Зеленски по средбата со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на настан во западна Украина, делумно фокусиран на руските воени злосторства, рече дека „задачата е активно да се подготви сè за членството на Украина во Европската унија, да се зголеми испораката на оружје за Украина и да се зајакнат санкциите против Русија“.

Во својот редовен дневен извештај на почетокот на 5 март, украинскиот Генералштаб соопшти дека руските сили ги напаѓале Бахмут, Авдијевка, Лиман и Шахтјор во Донецк, како и на север во Купјан, во регионот Харкив.

Генералштабот, соопшти дека украинската војска убила 930 руски војници во изминатите 24 часа.

Бројот на жртви не може независно да се потврди.

Серхиј Черевати, портпарол на Источните украински сили, во изјава за Си-Ен-Ен на 4 март рече дека украинските војници сè уште го контролираат Бахмут.

„Нема ниту масовно повлекување на украинските војници“, рече Черевати, пренесе Украинската служба на Радио слободна Европа.

Видете и ова: Борби за Бахмут, украинските сили не го даваат, руските тврдат дека го опколиле

Според руската платеничка група Вагнер, само еден излез од Бахмут е отворен.

Извештаите велат дека оние жители што ќе решат да го напуштат Бахмут, ќе мора тоа да го направат пешки.

Пред војната во градот живееле околу 70 илјади луѓе, а сега се останати неколкуте илјади.