Турција работи на обновување на договорот за извоз на жито од Украина

Поле со пченица во регионот на Донецк. Фотографија објавена на 31 јули 2022 година.

Анкара напорно работи на продолжување на иницијативата, поддржана од Обединетите нации (ОН) со која се овозможи да се извезува жито од Украина, изјава на 5 март турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Црноморската иницијатива за жито со посредство на Обединетите нации и Турција во јули минатата година дозволи извоз на жито од три украински пристаништа, блокирани од Русија по нејзината инвазија.

„Работиме напорно за непречено спроведување и понатамошно продолжување на договорот за жито од Црното Море“, рече Чавушоглу во говорот на Конференцијата на Обединетите нации за најмалку развиените земји што се одржува во Доха, Катар.

Чавушоглу, исто така, рече дека за тоа разговарал со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Видете и ова: Ердоган и Путин разговарале за извоз по таканаречениот „коридор на жито“

Договорот беше продолжен во ноември и ќе истече на 18 март доколку не биде договорено продолжување.

Русија соопшти дека ќе се согласи да го продолжи договорот за жито само доколку се земат предвид интересите на нејзините земјоделски производители.