За 14 месеци издадени лиценци за 355 фотонапонски централи

Издадени лиценци за фотонапонски централи за производство на струја од 1 јануари 2022 до 28 февруари 2023

За само 14 месеци Регулаторната комисија за енергетика има издадено лиценци за 355 фотонапонски централи за производство на струја, од кои само во првите два месеци од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали , соопшти регулаторот.

Тие имаат моќност од 181, 2 MW за производство на струја од обновливи извори, а со тоа можат да се задоволат потребите на 72.500 домаќинства, кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија.

Со овие капацитети од обновливи извори на енергија може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св Николе, Ресен и Дојран, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Има најави дека треба да се донесат закони за поставување на батерии за да може произведената струја од фотоволтаиците да се користи и во други периоди на денот.

Видете и ова: Мало покачување на струјата за граѓаните, големо намалување за малите компании

По зголемувањето на цената на струјата на светските берзи лани, почна нагло да се зголемува интересот за инсталирање на фотоволтаични централи.

До 2019-та во нашата држава имало инсталирано фотоволтаични централи не повеќе од 19 мегавати.

Македонија има 280 сончеви денови годишно, и е многу погодна за изградба на фотонапонски централи.