Германија замрзна над пет милијарди евра имот на руски олигарси

Германија замрзна околу 5,25 милијарди евра имот на санкционирани олигарси од почетокот на рускиот напад врз Украина, соопшти германското Министерство за финансии.

Пред шест месеци таа бројка беше 4,28 милијарди евра.

Според германскиот закон за санкции, тие кои подлежат на санкции од ЕУ мора веднаш да го пријават својот имот, бидејќи им се заканува парична казна или казна до една година затвор.

Досега осум олигарси го пријавиле својот имот вреден 577 милиони евра во Бундесбанката, покажуваат владините податоци.

Информацијата за замрзнат имот на руски санкционирани олигарси Министерството ја соопшти како одговор на барањето на германскиот пратеник Кристијан Герке.

Видете и ова: ЕУ воведе дополнителни санкции против Русија поради инвазијата во Украина

„Од декември замрзнат е имотот на олигарсите во вредност од само 200 милиони евра, а за половина година само милијарда“, рече Герке.

Европската унија, по руската инвазија на Украина, во неколку наврати воведе санкции кон Москва и лица и фирми поврзани со неа. Дел од санкциите се и замрзнување на имоти на руски функционери, и на олигарси поврзани со руските власти.